Скопје се приклучува во одбележувањето на европскиот ден на музиката (European Music Day)

Скопје се приклучува во одбележувањето на европскиот ден на музиката (European Music Day)

Скопје годинава ќе биде еден од 12-те градови кои ќе го одбележат Европскиот ден на музиката (European Music Day), при што ќе бидат емитувани онлајн концерти и настапи од голем број светски изведувачи.

Во 1982 година на 21 јуни - денот на летниот солстициј - преку иницијативата на тогашниот француски Министер за Култура, Џек Ланг, за прв пат се прослави и востанови Денот на музиката, односно Празникот на музиката ("Fête de la Musique") со цел да се "изнесат на улиците сите музичари". Наредната година, дури 200.000 музичари се собираат и ги преплавуваат улиците со најразлични жанрови на музика, настапувајќи до раните утрински часови во знакот на прославата на овој европски ден. Овој настан е целосно бесплатен и овозможен од големиот број на донатори и поддржувачи на уметноста и културата. Наскоро, Празникот на музиката станува дел од концептот на Европската Визија, и заминува, преку границите на Франција, ширум Европа, соединувајќи ги артистите, организаторите на настани и културните институции во првата Асоцијација на Мрежата на Европскиот Музички Ден.

Бидејќи музиката секогаш наоѓа начин да ги инспирира луѓето и да им даде сила да продолжат и да преземат нови предизвици, годинава Денот на музиката ќе се оддржи виртуелно, соединувајќи 12 Европски градови, меѓу кои за прв пат се најде и Скопје.

Поддржан од Европската програма "Креативна Европа", настанот ќе се одржи на 21 јуни (недела) и ќе биде 10-часовен музички маратон, претставувајќи вистинско музичко патување низ Европа. Со свои концерти во манифестацијата се вклучуваат и градовите: Берлин, Будимпешта, Букурешт, Краков, Истанбул, Манчестер, Милано, Љубљана, Лисабон и Прага. Сите музички настани ќе бидат емитувани низ светот преку дигиталните канали и профили на Асоцијацијата на Мрежата на Европскиот Музички Ден. Нашиот претставник за овој настан е музичката група Фолтин, кои преку својата долгогодишна работа се докажуваат како едни од најквалитетните и најоригинални артисти на нашето поднебје. Нивниот настап е закажан за 20:00 часот.

Настанот е во покровителство на Градот Скопје, со техничка реализација на Младинскиот Културен Центар во Скопје, преку партнерството со Пасворд Продукција.

Ова е уште една голема меѓународна културна манифестација во која Град Скопје зема учество, што претставува уште еден доказ за заложбите Скопје да прерасне во европски модерен град, каде што позитивните културни вредности ќе се негуваат и задржат на високо ниво.