РУДИМЕНТАЛ на Д ФЕСТИВАЛ!

РУДИМЕНТАЛ на Д ФЕСТИВАЛ!

По Сигма и Вилкинсон кои со спектакуларните настапи ги одбележаа претходните изданија на Д ФЕСТИВАЛ, во листата хедлајнери годинава се запишува уште една од најактуелните ѕвезди на новата британска сцена и тоа еден од најпопуларните состави на денешницата РУДИМЕНТАЛ, кои со својот глобално докажан диџеј сет се приклучуваат на новото фестивалско лето во Дојран.

Глобалниот музички феномен РУДИМЕНТАЛ со својот диџеј настап ги обиколува најголемите фестивали во светот, а годинава во своите дестинации го запишува и премиерниот настап на единствениот летен „open-air“ фестивал во Македонија, Д ФЕСТИВАЛ! Во претходните години овој ултимативен хит квартет, како тајфун ја освои светската сцена и „Рудиментал“ денес со право важат за еден од најбараните музички колективи, привлекувајќи ги околу себе соработниците како што се Џеј Зи, Емели Санде, Џон Њуман или Ед Ширан. Сопственици се на престижната „Брит“ награда, како и првото место на островската топ листа, со албумот „Home“ кој оствари мулти-платинести тиражи во неколку земји од светот, со апсолутните радиски хитови како „Not Giving In“, „Free“ или „Feel The Love“. Стотина милиони прегледувања на „Јутјуб“ бележи и незаборавната „Waiting All Night“, која од страна на фестивалската публика во светот убедливо беше прогласена за химна на летото.

Настапот на РУДИМЕНТАЛ е специјален подарок за публиката на Д Фестивал, во фаза кога е сѐ уште актуелна РАН КОРМОРАН акцијата за „all-inclusive“ билетите со кои за САМО 600 денари овозможуваат пристап до комплетната тридневна програма на фестивалот и место во фестивалскиот камп! Покрај енергичниот настап на РУДИМЕНТАЛ, посетителите на Д ФЕСТИВАЛ годинава ќе имаат прилика од 14-ти до 16-ти јули да уживаат во програмата со повеќе од 40 музички артисти кои ќе ја одбележат седмата едиција на единственото фестивалско летување кај нас.

Групата РУДИМЕНТАЛ е основана во 2010 година, а својот прв албум „Home“ го објавува во 2013 година. Само во првата година од објавувањето РУДИМЕНТАЛ успева да продаде преку половина милион примероци од својот првенец, со што албумот стана едно од само неколкуте деби изданија во светот кои успеале да остварат толкав успех. Ова остварување на групата им ја донесе и БРИТ наградата за нумерата „Waiting All Night“, како најдобар сингл, како и номинации за уште две водечки категории, а беа номинирани и за МОБО и МЕРКЈУРИ наградите за најдобар деби албум, по што РУДИМЕНТАЛ доживеа огромен планетарен успех.

Со распродадените турнеи и како хедлајнери на сите значајни фестивали, екипата од источен Лондон го приближи својот единствен звук до милионите луѓе ширум светот, истовремено позиционирајќи се како еден од артистите со највозбудливите live настапи кои денес можат да се чујат и видат. Оценет како еден од најголемите состави во Велика Британија, со платинести тиражи, БРИТ награда и распродадени турнеи, Рудиментал и понатаму продолжува да ги освојува новите врвови на светската сцена. Рекордната продажба во Австралија, огромната популарност во Европа и успешните турнеи низ С.А.Д. заедно со Ед Ширан, оваа екипа ја направија вистинска глобална ѕвезда.

Во 2015 година Рудиментал се вратија на сцената со својот втор албум „We The Generation“. Од „Never Let You Go“ и „I Will For Love“, обоени со госпел, преку реге драм-енд-бејс хитот „Love Ain’t Just A Word“, па сѐ до соработките со Ед Ширан на композициите „Bloodstream“ и „Lay It All On Me“, албумот ја претставува суштината на овој мултикултурен и мултижанровски колектив – љубов, мир и единство. Минатата година го објавија и синглот „Healing“, кој Рудиментал ги одведе во дип-хаус расположение и со кој повторно изненадија со својата музичка флексибилност, која им овозможува својот уникатен стил да го вклопат во било кој жанр.

Со настапот на РУДИМЕНТАЛ, полека се комплетира листата на артисти кои ќе ја предводат програмата на Д ФЕСТИВАЛ, меѓу кои се и претходно најавените РОНИ САЈЗ, КУП ОСКАР ОРКЕСТРА, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, СИНИСТЕР, С.А.Р.С., ПРОЏЕКТ РАКИЈА, МЕСЕЧИНКА, новите сили на домашната сцена МОНОГЛИЧ, ДИВИЗИЈА, КОНТАКТ 59, ОБОХТАЛ, КАИН, Д ЛОКАЛ БЛУ, СПЕКТРУМ, ШЕЛ ШОК, Д ПЛАНКТОНС, како и уште многу нови музички имиња кои наскоро ќе бидат објавени!

РАН КОРМОРАН АКЦИЈА за најповолните „all-inclusive“ ВЛЕЗНИЦИ
Д ФЕСТИВАЛ годинава ќе се одржува од 14-ти до 16-ти јули во Дојран. Во моментов актуелна е продажбата на најповолните РАН КОРМОРАН билети преку продажната мрежа на МкТикетс. Во оваа фаза од претпродажбата достапни се all-inclusive билетите за Фестивалот кои за неверојатна цена од само 600 денари на посетителите им овозможуваат пристап до сите фестивалски стејџови и бесплатен камп за трите дена на Д Фестивал 2017.